инспириран сум од завчерашниот натпревар на градски. европски квалификациски вечери со публика во нешто поголем број од вообичено. убав гест на тетовчани за слободниот влез, искрените фанови препознаа и решија да присуствуваат. не знам што е ова што го чувствувам, да не е надеж?
КОНТИНУИТЕТ ВО ЕВРОПА
Шкендија се на праг да го повторат учеството во Конференциската лига. доколку ги победат Хиберниан следно коло, во “финалето” би вкрстиле со победникот од Гент - Гетеборг. претходната сезона играа групна фаза и се надеваме да биде така и годинава. реваншот против Шкотите ќе биде наредниот четврток, а неколку дена пред тоа имаме домашно дерби, исто така на Градски 👀
Вардар во Рига се бореа храбро и дури поведоа (до тој момент вкупниот резултат беше 3-3) со играч помалку, но за жал попуштија во продолженијата. како и да е, очигледен прогрес во однос на минатите години и веројатно е дека ќе продолжат да напредуваат
и Силекс несреќно испаднаа (на пенали) против Динамо Минск иако можеа чекор понапред во однос на лани. Охрабрува тоа што со години се при самиот врв во ПМФЛ и играат квалитетно. може да се каже дека недоволната воиграност ги делеше од прогрес. не сме загрижени, Васоски знае што прави
Струга се последниот кандидат од најдобрата домашна четворка. очекувајте дека и нив ќе им “биде годината” за брзо, прашање е на време. искрено, би платил билет да ги гледам Мемо Хамза, Андреј Јовчевски и Амир Нухија во Европа. од останатите екипи, Тиквеш се единственото можно изненадување
ТРАНСФЕРИ (И ПОЛИТИКА)
од старт да расчистиме со една работа, политиката е составен дел како од животот така и од спортот. ако по дефиниција, таа претставува менаџирање ресурси и употреба на влијание (моќ) за да се дојде до заедничката цел, тогаш можеме да утврдиме дека тактиката во тимот е политика на микро ниво
завчера, Артим Положани одлично ја постави екипата за да одиграат смело и да нападнат од прва минута. Арбен Зејнулаи имаше партија а ла Модриќ; феноменално се разбираат и надополнуваат со Фреитас. Трумчи колку што е физички импресивен, толку е и технички - млади бекови огледајте се на него, на одлуките што ги прави со топка
Фабрис Тамба е тип на момче кое сакаш да ја ожени ќерка ти. ха-ха! дечкото дава сѐ од себе кога на тимот не му оди, плус константно прави несебични спринтови без топка со цел да го отвори полето за игра. расисти, одете по ѓаволите 🙂
туку друго ми е муабетот
во Шкендија покрај Ване Крстевски, има тројца нови етнички Македонци. сите тројца се пред својот зенит, на мисија да ги ревитализираат сопствените кариери. за нивна среќа, континенталниот успех и трансфер политиката на тетовчани го овозможуваат враќањето “дома”. реално, секој фудбалер пружа повеќе кога е поблиску до своите сакани
ваквиот мешовит изглед на екипата може само да им биде предност. секој има мотив повеќе за да се докаже и да го потврди својот статус. на крајот од денот, железото се остри со железо. Ардијан Цуцули, да си здрав и жив
политика е и одлуката да се продаде Имран Фетаи, така? во мечот против Скопје изгледаше на странец од некоја подобра лига, дојден да се појави и да покаже како тоа се прави. академскиот термин е квалитативна надмоќност, или eдноставно JUST BETTER. заслужен исчекор во неговата кариера. му посакуваме среќа во дресот на Динамо од Букурешт и секако, А репрезентацијата
муабет од прва рака, Менсур Јакупи ми сподели дека гледа многу сличности меѓу него и Висар Муслиу во поглед на професионалниот однос и жртвата која се спремни да ја дадат за да успеат. идеален пример за следење имајќи на ум дека и двајцата доаѓаат од Гостивар. уствари тројцата. нема везе, се разбираме
~ ја користам приликава да изразам жалење кон жителите на овој град. секој човек има право на чиста вода и животна средина. избори сѐ за своите права! ~
фантастично е да се види како Димоски Бојан созрева во текот на натпреварот. од анксиозен почеток, преку сериозна игра во дефанзива се доведе до ситуација да доминира. имаше и траги од ново партнерство кое почнува да се формира на таа лева страна помеѓу него и Косоварот Криезиу. партијата ја круниса со клучен херојски блок при последниот противнички напад/центар-шут
[”си биле прилепчанец (а всушност од Брод), кочанчанец и драчевчанец и влагаат во шиша бар” е вовед за добар виц]
не можам со сигурност да знам дека вака добро ќе се вратеше во игра доколку настапуваше за “македонска екипа”. дали е веќе доволно зрел за сам да се изменаџира или има влијание стравот од оставање лоша импресија и потенцијалното исвиркување. можеби барам игла во сено, а тој едноставно да ти научил да живее со грешката против Велс, кога не успеа да расчисти од линија
Јован Манев влезе при крајот за да помогне да се затвори натпреварот. Марко Ѓорѓиевски донесе победа (читај гол за пласман понатаму) со првенецот во новиот клуб откако претходно погоди пречка. атмосферата фантастична; подарок за секој вистински ентузијаст. најслатко е кога човек ќе предвиди. идеме среќо
играчите се интерпретатори на нашите фудбалски сонови, желби и замисли
“To be a footballer means being a privileged interpreter of the feelings and dreams of thousands of people.”— Cesar Luis Menotti
3) ЗАВРШНИОТ ИСПИТ
ајде уште еднаш да се потсетиме дека сите што на било каков начин сме дел од фудбалот во Македонија, живееме со истата амбиција - да успееме со клубот кај што сме инвестирани. сеедно дали професионално или (само) емоционално
без сомнение, најголемото активно фудбалско ривалство во државата. секогаш избледено и тажно поради отстуството на гостински навивачи. секоја нискоинтелигентна творба со душа чека да отиде на трибина и од ново да ги повтори истите одвратни слогани заедно со своите истомисленици. “мисленици” би подразбирало луѓе што се служат со мисла. Господе каков парадокс
видете, живееме во ера каде тонеме во информации а гладуваме за знаење. мизерен, игнорантен и неписмен човек, знаењето го гледа како пречка. што би рекол Рамбо Амадеус, знаењето него му смета да мисли. тој пре би му го извадил окото на комшијата отколку, пример, да се запознае со концептот шовинизам
не сакам да бидам сфатен како некој штотуку разбуден либтард, стадионот е место кај што сите се добредојдени. мојот проблем е во колективната општествена толеранција кон злобните и глупави луѓе кои немаат да кажат ништо друго освен навреда. до кога на трибините ќе преовладува омраза и до кога на секој поважен натпревар ќе бидеме изложени на тотален примитивизам
планираме ли да ги вратиме неутралните, рекреативни гледачи? каде се повозрасните луѓе, жените и децата? или сме вечно осудени да бидеме заложници, приморани да слушаме како некој што завршува на СКИ му посакува смрт на некого на ИМИ. не можам да зборам во име на група од која не сум дел
кога бев на последното дерби, луѓето до нас плукаа по судијата, по играчите, и по грешка и по децата што поминуваат под трибината. плукање во буквална смисла
реално, Федерацијата има инструменти да се справи, да ги осуди и соодветно санкционира сите форми на дискриминација. тоа што последниве години се инвестираше баш во трибини ми дава за право да се надевам
затоа велам завршен испит, затоа што само тогаш ќе имаме реален фудбал. кога фокусот ќе биде долу на теренот и главна атракција ќе биде вештината со топка
за крај, мој искрен апел кон сите добри луѓе што по сплет на околности се нашле во лошо друштво. еден грам емпатија е доволна да не ослободи од канџите на примитивизмот. добриот и кул човек постојано се надградува. ги почитува своите сограѓани и се стреми кон (заеднички) еквилибриум
убавина или лакрдија, изборот е наш. лошата вест е дека никој нема да ни помогне, добрата е дека никој нема да не спречи
ве поздравувам со овој прекрасен албум. се гледаме на стадион 🫡
кога ќе се сврти светот, разбуди не и нас
има нешто во нашиот воздух
не кажувај ми збогум
почивај во мир, Мирко Попов
надежта последна умира
една љубов ❤️











